Првата диџејска постава на најреномираната транс дискографска куќа Флаинг рино рекордс од Лондон, Доминик Лемб и Џорџ Баркер, вечерва ќе гостува во Скопски саем. Журот почнува во 22:30, кога ќе може да ги почувствувате индивидуалниот стил на Доминик андерграунд и високоенергичниот транс. Тој ја води својата публика на живо патување, креира огромна позитивна енергија и претпочита да не е ограничен со краток сет. Некаде тука е и визијата  на неговиот истомисленик Џорџ Баркер, кој настапувал на водечките фестивали Гластонбери, Трајбл Гедеринг, Гаја, Екскалибур, Сола Луна... Џорџ е резидент диџеј во токиските Клуб коуд и Беј Хол, а досега настапувал во Грција, Израел, Германија и во Скандинавија. Моментно Доминик и Џорџ работат на материјалот за новиот албум Slinky wizard.

Нивниот настап го организира промоторската организација Trance experience од Скопје. Картите се во претпродажба во Блоу ап и во Југотон по цена од 400 денари, а вечерта на касата на Скопски саем ќе се продаваат за 500 денари.