Во вторник (19 март) во рамките на традиционалниот Струмички карневал ќе има целоноќна забава. Струмичани и сите посетители на оваа фешта првпат ќе имаат можност вистински да го прослават карневалот со најдобрите македонски диџеи и со феноменалниот клаб саунд диџеј Бас или како што вели неговиот псевдоним под кој ќе настапи во Македонија - Фанки Бастарт. Тој првпат е забележан во Македонија во специјалното издание на емисијата Поплава 2000, снимена во Амстердам за време на Квинс деј. Таму настапуваше како резидент на забавата Лав боут, заедно со елитните диџејски имиња Димитри од Амстердам и Роман Тони од Њујорк. На Лав боут создаде впечатлива фанки клуб атмосфера, а на годинашниот Мајами винтер конференс најверојатно ќе настапи со попрогресивен хаус сет. За него важи дека е диџеј на публиката. Диџеј Бас е познат по своите еклектични натсапи на голем број култни места. Во клубот Мацо во Амстердам го паметат по неговиот моќен техно сет.

Струмичкиот жур, насловен како Ајде да играеме, ќе почне во 22.30 часот. Промотерите на овој настан ќе се вклучат и на главната парада. Засега диџејските имиња од Македонија се држат во тајност, но едно е сигурно - покрај Бас ќе настапи и најдобриот македонски диџеј (според гласовите на читателите на Антена), Никола, и авторот на најспектакуларната ноќ во скопскиот клуб Елемент, диџеј Фрики. Доколку ве воодушеви журот во Струмица, дојдете на уште еден сет на диџеј Бас, кој ќе му биде гостин на Фрики во Микс ап емоушан.

За најголемиот културен и традиционален настан во Струмица организаторите обезбедија и автобуски превоз. Сите што сакаат да уживаат во шарениот карневал и во звуците од најдобрите диџеи нека дојдат пред Дрво декор во Скопје во 17 часот.