ttl-press.gif (3394 bytes)
malo.gif (821 bytes)

Nathan Coles - Skopje
by Emilija Vucinovska - Dnevnik

 

Во  организација на 100% Пјур пред две недели имавме можност да го видиме Нејтан Колс, диџеј и продуцент, кој вторпат направи впечатлива забава во Скопје. Сите кои имаа можност да помуабетат со него ќе ви кажат дека ваква личност не се среќава секојдневно. Онаа ведрина и радост што извираше од него едноставно ве исполнува и вас. Неговата насмевка и енергична музика го полнеше срцето на секој посетител на забавата. Неколкуте негови музички лица Wiggle, Wrong, Get fucked се доказ за огромниот музички потенцијал на Нејтан. Се разбира, огромна заслуга имаа и домашните репрезенти Никола и СС, кои ја поставија атмосферата на соодветно ниво. Нејтан, иако кратко престојуваше кај нас, најде време и за интервју.           

* Често пати настапуваш надвор од Велика Британија. Можеш ли да направиш разлика меѓу настапите надвор и на домашен терен?

- Секогаш кога пуштам музика надвор од Лондон чувството е навистина посебно, бидејќи не заборавам колку сум среќен што ја работам оваа работа што ми го исполнува срцето, плус на различни места, сретнувам многу интересни и прекрасни луѓе. Но и настапите во Лондон ми се многу драги, и како што многумина би се согласиле, нема друго место на светот како дома.

*Ова ти е второ гостување во Скопје. Првото навистина помина незаборавно, каде што на гостите им понуди одлична забава.Кои се твоите импресии од последниот настап?

- Првата журка во Скопје беше навистина незаборавна, а истото се повтори и овојпат. Не бев свесен дека многу луѓе го очекуваат мојот повторен настап, што всушност можев да го видам вечерта од реакцијата на публиката, а тоа ме направи да се чувствувам навистина многу добро однатре. Ова е нешто, можам слободно да кажам, различно од Лондон, бидејќи луѓето во Лондон понекогаш се расипувааат од преголемиот избор со став: сум бил таму, се сум видел, се сум направил и слично. Мислам дека луѓето во Скопје се многу поотворени и не се толку презаситени од животот.

* Ти освен што си диџеј, во исто време си и продуцент. Мислиш ли дека ако ги имаш најновите и најсовремени машини би влијаело на твојата музика и финалниот производ би бил подобар?

- Можеш да ја имаш најмодерната и најсовремената опрема на светот, но ако ги немаш чувството и страста за музиката, таа нема да ти помогне, ама затоа ако ги имаш и двете - и опремата и страста, тогаш да, тие две нешта заедно може да направат разлика во финалниот звук.    

* Кажи ми нешто повеќе за твоите издавачки куќи (можеби некои идни планови, нови изданија, нови артисти и сл.)

- Имам две издавачки куќи едната е Wrong Records, во која работам со Асад Ризви, а другата е Wiggle Records, во која работам со Тери Френсис. Лејбловите се нешто што го чувам близу до срцето, но не дозволувам бизнисот да ја надвладее забавата на правење музика, тие се само начин за музиката да стигне до луѓето.

* Лондон е една од најголемите музички метрополи, а воедно и колевка на многу успешни диџеи/продуценти. Дали постои конкуренција меѓу вас?

- Во секоја сфера од животот постои конкуренција и таа може да биде позитивна ако се насочи во вистински правец. Оние кои ја насочуваат во негативна смисла ги оставам да се занимаваат со тоа , а јас си ја гледам мојата работа.

* Слушнав дека си многу зафатен во последно време. Кој е твојот иден фокус: диџејството, продуцентсвото, татковството или ќе најдеш време да се справиш со сe?

- Мојата фамилија ми е најважна и секогаш е на прво место и не дозволувам ништо да биде пред неа. Да се има близнаци значи да си многу зафатен, но секогаш имам време за правење музика и за диџејството, за време на викендите помеѓу сите оние миризливи пелени.

* И за крај, твојата порака до младите диџеи:

- Мојата порака за сите млади диџеи, кои го читаат ова интервју, е да го следат срцето и да не се откажуваат кога работите нема да одат како што сакаат, бидејќи ќе има такви времиња. Пуштајте музика што ја сакате, а не онаа која другите мислат дека треба да ја пуштате, бидејќи така ќе бидете најсреќни, и за крај long live ACID HOUSE.

 

 

 

Home